Името на велшки му значи „вода“, а воедно е и наслов на трака од албумот „In Sides“ на Orbital. Dŵr е грамофон кој е микс меѓу локалното и светското, затоа што е произведен во Македонија, но неговите перформанси се мерат на глобално ниво.
На годинешното издание на Desoznanz фестивалот посетителите имаа можност да се запознаат со грамофонот Dŵr. Ова немаше да биде толку интересно ако ова не беше еден од најдобрите грамофони во светотот и ако не беше произведен во Македонија. „Идејниот татко“ на dŵr, е Марјан Стојнев, кој неодамна зборуваше со Electronic Beats.
Првпат го запознавме на овогодинешното јубилејно издание на Desoznaz и пред да го слушнеме, прво ни фати око со својот минимален дизајн, во кој формата и на естетски начин ја следи функцијата, а белите и метални елементи преку комплементарен контраст се испреплетуваат со дрвото. Но главниот адут на овој грамофон е сепак звукот, за кој тимот што го произведува вели дека е 150 пати попрецизен од стандарден диџеј грамофон. Дизајниран и изработен целосно од локални луѓе и локални материјали, dŵr се склопува рачно и претставува вистински уникат и во светски рамки.
Ние сме љубители на квалитетен звук, но не сме аудио инженери, па затоа го побаравме „идејниот татко“ на dŵr, Марјан Стојнев, да ни открие нешто повеќе околу целиот процес на создавање и техничките карактеристики.
На Desonanz го претставивте dŵr како еден од најдобрите аудиофилски грамофони кои постојат. Сега кажете ни, малку подетално, што го прави dŵr уникатен и врвен?
Се работи за поле кое е, особено во последните десет години, презаситено од нови и препакувани решенија за грамофони. Во мода е, не? Речиси и да не постои хај-фај мануфактура која не нуди ниту барем еден грамофон од сопствено производство.
Но зошто е dŵr различен? Dŵr имплементира неколку докажани пристапи во уникатна комбинација, базирана на приемање на процесот на репродукција. Основната обврска на еден добар грамофон е да го ротира винилниот диск на строго утврдена брзина, со најмалку можни изобличувања и надворешни влијанија. Постојат неброено грамофони кои можат да го направат ова – но до кој степен?
Dŵr значи вода на Велшки – името е инспирирано од алгоритмот за контрола на брзината кој води сметка за минимизирање на акустичните артефакти при репродукција, како и од функционалниот дизајн на грамофонот кој се базира на принципот на заземјување на надворешните влијанија, и каде формата е директен резултат на функцијата.
Помага и фактот што тоа е името на една трака на ремек делото на Orbital, „In Sides“.
Што беше првичната иницијација, зошто си рековте „ќе се инвестираме себеси во создавање на врвен грамофон“? Како изгледа процесот на создавање нешто кое е истовремено толку комплексно, прецизно и деликатно? Колку луѓе беа вклучени?
Здраворазумски инает. Тежок инает. Звучи оксиморонски – секако, но се уште е еден од клучните двигатели на новиот развој. Околните земји имаат развиени хај-фај мануфактури, кои „жарат и палат“. Првично на поле на иновации и имплементација, финансиската компонента е занемарлива.
Зошто во Македонија тоа не би можело да се оствари? Предизвикани од локалните аудиофилски групи – “такво нешто никогаш нема да може да биде направено во Македонија”, одговорот беше само еден можен – предизвикот прифатен.
Процесот на изработка, од првичното планирање, до приказот на Desonanz, траеше грубо околу 24 месеци. И како секој таков развоен процес, зависи од достапност на материјали, алати, стручни лица, време, и најважно – волја за вклучување во еден проект со неизвесен завршеток. Во голема мерка, процесот на прототипизирање беше олеснет со употреба на компјутерски алатки за дизајн – но само до некаде. Имаме неколку фиоки полни со прототипи и отфрлени решенија, што е сепак незначителен дел од развојот имајќи го предвид финалниот производ.
Вклучени во развојот на dŵr се многумина, од Дарко Вакански и Драган Гиновски – Гино за изработка и финиширање на дрвените структурни компоненти, Александар Цаневски за имплементација и дебагирање на електронските склопови, Љупче Димов за извонредни металостругарски способности и внимание на детали, и секако, Оливер Никушев, сопственикот на близнакот на dŵr, за безрезервната поддршка во проект кој дишеше со неизвесност.
dŵr е комплетно дизајниран, проектиран и изграден во Македонија, но неговите перформанси ги надминуваат границите. Дали веќе имате остварено контакти со светски компании и/ли диџеи? Ќе гo гледаме ли можеби набрзо на некој локален настан? Какви се ваште „промотивни“ планови?
Првичната цел беше да се заврши. Тоа е веќе делумно остварено. Велам делумно затоа што идеите не замираат и постојано сум под сопствен притисок да променам веќе имплементирано и функционално решение – но тоа е чинам неизбежно.
Искрено, не сме потрошиле премногу време за размислување што понатаму. Процесот кој резултираше со два примерока на dŵr беше најблаго речено исцрпувачки. Помислата тој процес да се индустријализира е безмалку страшен, сега за сега. Во блиска иднина, кој знае? Основен двигател ни е да покажеме што може да се направи (и се направило) само со талент, материјали, изработка и процеси во Македонија.
Во план, за блиска иднина, се повеќе настани каде ќе може да се посветиме на репродуктивниот аспект на dŵr, нешто што не можевме да го покажеме во вистински размери во текот на desonanz поради ограничувањата на просторот.
Дали dŵr е наменет само за музички професионалци или има простор да ги разубави и домовите на не-професионалните аудиофили? Ќе биде ли достапен комерцијално, или ќе се изработува строго ограничено, по нарачка?
dŵr е првично наменет за уживање во музичката репродукција. Се плашам дека неговата деликатност во изгледот и ракувањето може малку да ги одвратат професионалните продуценти – аудиофилите се генерално многу пофлексибилни на таа тема – имаат и волја да се посветат на процесот на репродукција и подготвени се да го платат тоа со највредниот ресурс – своето време.
Не гледам како dŵr би можел во скоро време да биде комерцијално произведуван на производна лента. Се работи за збир на компоненти кои мора да се прилагодуваат една на друга, да се проследуваат со проверки и мерења, и да се слушаат. Навистина многу да се слушаат – како резултатот не би изостанал.
Би било интересно да се види лицето на некој кој би го порачал dŵr кога ќе слушне колку време ќе треба да го чека.
Што би препорачале на луѓето кои сакаат, како вас, да создадат нешто уникатно и по светски стандарди, во Македонија? Имате ли нешто конкретно да споделите како совет? Што научивте од целиот процес при креирањето на dŵr?
Апстрактните мотиватори најчесто остануваат во полето на можното, но не и оствареното. И тоа е навистина жално – постојат премногу идеи кои изумираат останувајќи во сферата на „што ако”.
Остварувањето побарува целосно вложување, на време и ресурси. Ова, во најчест случај, значи ваше време и ваши ресурси. Споделувајте, учете, дискутирајте – речиси целиот развој на dŵr е споделен јавно на различни групи за дискусија, до ниво на прецизни технички цртежи. Стравот од идејна кражба постои, но далеку поголеми се можните придобивки. Во нашиот случај, дури и претходно споменатиот алгоритам за корекција на брзината на ротација е јавно достапен.
Можеби најголемиот проблем при изработката на dŵr беше недостатокот на информации околу производствени услуги – каде се наоѓаат материјали, каде се изработуваат определени процеси, каде да се научат овие работи? Ова фрустрираше толку многу што размислувам да започнам јавен регистар од типот „каде да го направам ова”.
И покрај сето ова, колку и да звучи излитено, чувството на оствареност при завршување на проектот е непроценливо. Нема да заборавите низ што сте поминале, но барем ќе знаете зошто.