Водачот на иницијативата за воведување на PayPal за наплата на продажбата во Македонија, Венко Глигоров, информира дека во 2018та година нема прогрес во реализацијата на иницијативата. Од Пејпал изјавија дека Македонија и банките не се спремни за соработка со Пејпал и дека тоа е главната пречка за воведувањето на овој светски сервис во Македонија.
“Испративме писмо пропратено со преку 1000 потписи од физички лица, фирми и професионалци со барање до државните иниституции да се заложат за воведување на PayPal во Македонија со можности за наплата на продажбата на производите и услугите преку PayPal.”, вели Венко Глигоров. “Интересот на малите фирми и претприемачи е огромен, а се покажа дека нема доволен интерес кај државните иниституции ова да се реши.”
Иницијативата се покрена во 2017та година и Министерството за финансии ја превзема да ја реализира. Освен една одржана работна средба во Министерството за финансии со банките, УЈП, Народната банка и Министерството за информатичко општество, нема официјален прогрес во иницијативата.
“Ги пробавме сите начини почнувајќи од дописи со потписи, работни средби, комуницирање со дел од луѓето во министерствата и сето тоа е без успех – ни преостанува да ги користиме социјалните мрежи за да го покренеме ова важно прашање. Сведоци сме дека централната и локалната власт побрзо реагираат на социјалните мрежи отколку преку традиционалните начини на комуникација”, заклучува Венко Глигоров.
Неофицијално се дознава дека следуваат промени во законските прописи за платниот промет кадешто се предвидува либерализација на платниот промет.
Повеќе за иницијативата има на линкот https://www.loginsystems.biz/aktivnosti-paypal или со клик на хаштагот подолу.