Пчелите можат да решаваат задачи со броење, преку малиот број на нервни клетки во нивните мозоци, велат истражувачите на универзитетот Queen Mary во Лондон, пишува Science Daily.

Со цел да се разбере како пчелите бројат, истражувачите симулирале едноставен минијатурен “мозок“ на компјутер со само четири нервни клетки – далеку помалку од бројот на нервни клетки кои ги има вистинската пчела.

“Мозокот“ лесно може да брои мали количини на предмети откако внимателно ќе провери еден предмет, па потоа и некој друг предмет, што е истиот начин како што бројат и пчелите. Ова се разликува од луѓето, кои ги гледаат сите предмети и ги бројат заедно.

Во студијата објавена во списанието iScience, истражувачите предлагаат дека ова умно однесување прави една сложена задача како броењето да изгледа едноставно, дозволувајќи им на пчелите да покажат импресивни когнитивни способности, со минимална активност на мозокот.

Претходни студии покажаа дека пчелите можат да бројат до четири или пет предмети, можат да го изберат помалиот или поголем број од групата, па дури и да изберат “нула“ во однос на другите броеви кога се обучени да изберат “помалку“.

Пчелите најверојатно ова не го постигнале преку разбирање на нумерички концепти, туку со користење на специфични движења при летањето, за да ги проверат деталите кои потоа го обликуваат она што гледаат и ја поедноставуваат задачата до точка каде што се бара само минимална активност на мозокот.