Истражувачите откриле нова, егзотична класа на планети надвор од нашиот Сончев систем, односно “Супер Земји“ формирани на високи температури блиску до нивната ѕвезда, кои содржат големи количества на калциум, алуминиум и нивните оксиди – вклучувајќи сафири и рубини, пишува Science Daily.

Одалечена на 21 светлосни години од нас во соѕвездието Касиопеја, една планета орбитира околу ѕвезда чија година трае само три дена. Нејзиното име е HD219134 b. Со маса речиси пет пати поголема од онаа на Земјата, тоа е таканаречената “Супер Земја“.

За разлика од Земјата, сепак, оваа планета најверојатно нема масивно јадро од железо, но е богата со калциум и алуминиум. “Можеби таа сјае со црвена и сина боја, како онаа на рубините и сафирите, бидејќи овие скапоцени камења се алуминиумски оксиди кои се вообичаени на егзопланетите“, вели Керолајн Дорн, астрофизичар на Институтот за компјутерска наука при Универзитетот во Цирих.

HD219134 b е една од трите кандидати кои веројатно ќе и припаѓаат на новата, егзотична класа на егзопланети, Дорн и нејзините колеги од универзитетите во Цирих и Кембриџ објаснуваат во истражување објавено во британското списание MNRAS.

Истражувачите го изучуваат формирањето на планетите користејќи теоретски модели и ги споредуваат нивните резултати со податоците од опсервациите. Познато е дека за време на нивното формирање, ѕвездите како што е Сонцето биле опкружени со диск од гас и прашина, од која се родени планети.

Карпестите планети како Земјата биле формирани од остатоците од цврстите тела кога прото-планетарните гасни дискови се разделиле. “Вообичаено, овие градежни блокови се формираат во региони каде што постојат елементи што формираат карпи, како на пример железото, магнезиумот и силициумот“, објаснува Дорн. Резултирачките планети имаат состав сличен на Земјата, со железно јадро. Повеќето досега познати “Супер Земји“ се формирани токму во такви региони, додава Science Daily.