Корисниците на iPhone во Кина се претежно лица со послабо образование и со ниски примања, додека корисниците на Huawei имаат повисоко образование и солидни примања. Ова го покажало истражување на агенцијата MobData.
Истражувањето е објавено во „South China Morning Post“, а било фокусирано на личните примања, како и на нивото на едукација на корисниците на паметни телефони во Кина.
Според селекцијата во истражувањето, корисниците на iPhone се сместени во категорија именувана „The invisible poor“. Мнозинството од нив се лица од женски пол, коишто не се во брак и се на возраст од 18 до 34 години. Во просек имаат завршено средно училиште, а месечните примања им се пониски од 430 долари.
Спротивно од нив, корисници на Huawei се претежно лица од машки пол, на возраст од 25 до 34 години, и во брачен однос. Во просек тоа се лица со универзитетска диплома, а месечните примања им се движат од 720 до 2.800 долари.
Во истражувањето се тврди дека поголемиот дел од корисниците на Huawei имаат сопствени домови и возила, додека корисниците на мобилните уреди на Apple немаат.
Агенцијата што го направила истражувањето е со седиште во Шангај. Притоа нема објава за бројот на лицата што биле вклучени во анкетирањето.
Apple, после Samsung и Huawei е третиот најголем бренд за мобилни уреди што е застапен во Кина. Сепак, битно е да се напомене дека овој познат американски бренд таму е изложен на голем притисок од страна на домашните кинески брендови, коишто се фаворизирани од страна на трговците.
Во меѓувреме, Huawei важи за лидер на пазарот за мобилни уреди во Кина, кој заедно со Xiaomi, Oppo и Vivo држи 80 проценти од пазарот. Во силната кинеска конкуренција, Apple има само девет проценти од пазарот.
Извор: AdToDate.mk / South China Morning Post)
Поврзани артикли