Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) и Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, денеска потпишаа меморандум за соработка, со цел заеднички да придонесат кон развојот на е-трговијата и развивањето на способностите, дигиталната писменост и градењето на капацитети во секторот за е-трговија во Република Македонија, се наведува во соопштението од АЕТМ.
Меморандумот за соработка го потпишаа претседатот на АЕТМ, Нина Ангеловска и извршниот директор на МАСИТ, Анита Никова Бундовски.
Потписниците на Меморандумот, како што известуваат од АЕТМ, соработката ќе ја остваруват преку споделување на релевантни информации од областа на е-трговијата, заеднички ќе придонесуваат за развојот на соодветни програми од областа на е-трговијата за потребите на корисниците на услугите, како и преку споделување на тековни и нови искуства, релевантни за областа на дејствување и соодветната целна група.
-Соработката помеѓу МАСИТ и АЕТМ е од големо значење за надминување на клучните предизвици на патот кон дигитализацијата за Република Македонија. Имаме одлични идеи и енергија во двете организации и цврство верувам дека синергијата ќе придонесе многу за нивно адресирање. Особено ќе се фокусираме на подигање и прогрес во целокупното ниво на дигитални вештини и компјутерска писемност на населението, но и на бизнисите, вели претседателката на АЕТМ Нина Ангеловска.
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија се стреми кон инклузивна е-трговија, а преку потпишување низа меморандуми со засегнатите страни од областа, има за цел да креира иднина за раст на е-трговијата и успех во рамките на Република Македонија, велат од АЕТМ.