Многу е голема шансата овој текст да го читате токму на паметен телефон. Веројатно мобилниот телефон е првото нешто што го земате в раце. Да бидеме искрени, социјалните мрежи нè направија позависни од мобилните од кога и да е. Дали би можеле целосно да се откажете од својот електронски миленик на една година? А дали би можеле да го направите тоа за 100.000 долари?

„ВитаминВотер“, витаминска вода на „Кока-Кола“, објави натпревар наречен „Scroll-free for a year“ и бара среќник (или несреќник) кој ќе се обиде една година да живее онака како што се живееше на почетокот на 21 век, без мобилен телефон.

За да се пријави, одредено лице треба да објави фотографија на „Твитер“ или „Инстаграм“, да означи „ВитаминВотер“ и да објасни зошто му е потребен одмор од телефонот. Но, за жал, може да се пријават само Американци.

Натпреварот трае до 8 јануари, а избраното лице нема да смее да допира, а не пак да користи туѓи паметни телефони. Среќникот ќе добие телефон произведен во 1996 година за да може да комуницира со другите, но нема да може да минува часови скролајќи по социјалните мрежи и апликации. Лицето ќе има и одреден буџет за повици и СМС-пораки, а ќе му биде дозволено да користи компјутер и лаптоп.

Засега не е познато како „ВитаминВотер“ ќе се осигури дека избраното лице не мами, но во правилата стои дека ќе мора да се согласи на детектор за лаги. Ако случајно се откаже по шест месеци, ќе добие награда од десет илјади долари.

Извор: Jutarnji List