Во едно неодамнешно истражување научниците го издвоија најбрзото животно во светот. Станува збор за мравката mystrium camillae, позната и како „дракула“, пишува „Скај њуз“.
Брзината не зависи од големината на животните, па така овој мал инсект е многу побрз отколку на пример гепардот, кој може да трча со брзина и до 100 километри на час.
Имено, малата мравка успева да ја движи својата челуст 5 000 пати побрзо од трепкањето на нашите очи, односно тоа движење го прави со брзина од 320 километри на час.
Научниците веруваат дека овој вид мравка, која живее во Африка, Австралија и Азија, ја користи брзината за да може инстантно да го зграби својот плен.
„Нивната моќна вилица функционира како стапица за глувци. Мравките ја користат за да уловат други инсекти. Веројатно набрзина ги зашеметуваат“, изјави ентомологот Ендру Суарез од Универзитетот во Илиноис.
Наместо да ги затвораат и отвораат левиот и десниот дел од вилицата, тие со голема брзина ги поместуваат од една до друга страна. За ова движење им треба само дел од секундата или поточно 23 микросекунди.
Научниците тврдат дека мравките од овој вид практикуваат и канибализам бидејќи прават дупки во јајцата и ларвите на други мравки и се хранат со нивната крв.
Извор: Макфакс