Кинеската компанија Vivo продолжува со претставување на иновативни производи кои отскокнуваат од моменталните трендови на пазарот. По првиот комерцијален паметен телефон со сензор за отпечатоци од прсти под екранот и смартфонот со селфи камера која по потреба може да се вовлекува и извлекува од куќиштето, пристигнува нов интересен производ.

Овој пат тоа е Vivo NEX Dual Display Edition, кој како што вели името пристигнува со два екрана. Главниот AMOLED екран доаѓа со дијагонала од 6,39 инчи и резолуција од 2340 х 1080 пиксели, додека секундарниот 5,49-инчен AMOLED дисплеј со резолуција од 1920 x 1080 пиксели се наоѓа од задната страна во комбинација со таканаречениот Lunar Ring со 16 мали LED светла кои ќе послужат за известувања и поквалитетни селфи фотографии.

Што се однесува до предната камера, вториот екран ја отстранува потребата за било каков засек (notch), отвори во предниот екран или лизгачки механизми. Исто така, секундарниот екран ќе послужи како контролер за игри и шанса лицето кое се фотографира да го гледа истото како и фотографот.

Фотографската компонента се состои од главна камера со 12-мегапикселен сензор, секундарна 2-мегапикселна камера за бокех ефект, додека иновацијата ја донесува третата камера со Time of Flight 3D технологија за проширена реалност, препознавање на лицето и сцените за фотографирање (технологијата користи десет пати повеќе сензори во однос на TrueDepth на Apple.)