Кинескиот интернет гигант Alibaba ја отвори својата прва Светска платформа за електронска трговија (eWTP) во Европа, соопштија светските агенции, повикувајќи се на кинеската новинска агенција Ксинхуа.

Компанијата потпиша во средата договор за отворање на платформата за електронска трговија со белгиската влада, а целта е да се промовира долгорочно прекуграничната трговија.

Церемонијата беше во белгискиот град Лиеж и на неа присуствуваа белгискиот премиер Шарл Мишел и кинескиот амбасадор во Брисел – Као Чунмин.

Создавањето на новата платформа ќе им овозможи на голем број белгиски претпријатија да работат со Кина и да нудат високо квалитетна продукција од Белгија на кинескиот пазар, забележува Чунмин.

Премиерот Мишел рече дека новата платформа ќе ја зголеми конкурентноста на белгиските и кинеските бизниси на меѓународната сцена.