Qualcomm официјално го претстави новиот SoC за идните флегшип уреди – Snapdragon 855, што значи дека барем засега се откажаа од името Snapdragon 8150.
Кон крајот на август, дојавувачот Roland Quandt објави информација дека Qualcomm тргнува во промена на името на своите чипови. Имињата на чиповите, според него, требаше да добијат дополнителна, четврта бројка и ознаката SM или SCX, зависно од тоа дали се работи за чип за мобилни уреди или за чип за ARM компјутери.
На крајот се испостави дека името Snapdragon 8150 всушност е интерно име на платформата, а не конечно име на новиот SoC. Тоа, како што наведовме е Snapdragon 855.
Како што беше истакнато на хавајскиот настан (Snapdragon Technology Summit), Snapdragon 855 ќе биде изработен во 7 nm производен процес и ќе има засебни процесорски единици за AI и AR и нов ISP, кој ќе поддржува видеа во 4К 60 fps, со 25 проценти помала потрошувачка на енергијата. Ќе го произведува компанијата TSMC. Snapdragon 855 доаѓа со два модема – Snapdragon X24 и Snapdragon X50, кој обезбедува поддршка за 5G мрежи.
Како што се знае од претходно, Snapdragon 855 има осум јадра, кои се распоредени во три посебни групи, односно кластери по принципот 1 + 3 + 4. Едното Kryo Gold јадро е задолжено за најтешките задачи, има 512 KB L2 cache и брзина до 2,842 GHz.