Веќе неколку пати се појавија информации за тоа дека Galaxy S10 телефоните ќе ги користат новите Infinity-O дисплеи на Samsung. Меѓутоа, според наводите на дојавувачот Ice Universe, поголемиот Galaxy S10+ ќе бара нешто поуникатен отвор во екранот.
Доколку претходните протечени детали се точни, Galaxy S10+ следната година ќе дебитира со две селфи камери. Првата ќе има регуларен сензор, додека втората ќе има поддршка за широкоаголно снимање. Ова, исто така, значи дека едната камера ќе биде поголема од другата, што ќе бара отворите за нив во екранот да бидат различни. Поради ова, но и за да ги задржи почистиот дизајн, Samsung ќе користи отвор во облик на пилула на екранот за Galaxy S10+ моделот.
Покрај поинаквиот засек за две селфи камери, останатите Galaxy S10+ разлики сугерираат присуство на три камери на задната страна, поголема 4000 mAh батерија и импресивен 93,4 screen-to-body однос. Во внатрешноста се очекува Exynos 9820 и претстојниот нов чипсет на Qualcomm (досега познат како Snapdragon 8150). Оперативниот систем е Android 9 Pie со One UI.
Поврзани артикли