Следејќи ги најавите на повеќе ривалски производители, и кинеската компанија Oppo соопшти дека својот паметен телефон на преклоп ќе го претстави на почетокот на 2019. година.

Продукт менаџерот на Oppo, Чак Венг за холандскиот веб-сајт Tweakers го откри планот за претставување на телефон кој ќе се превиткува. Според информациите добиени од него, телефонот би требало премиерно да се појави на Мобилниот Конгрес во Барселона, во февруари следната година.

„Знаеме дека Samsung и Sony веќе работат на смартфони на превиткување. И од Oppo можете нешто да очекувате на таа тема. Можеби веќе на MWC”, истакна Венг.

Бидејќи детали за карактеристиките на идниот модел се уште нема, постои можност Oppo да претстави само негов прототип, кој нема да биде подготвен за пазарот. Познато е дека Oppo има неколку патенти за дизајн на преклоп, од кој еден може да се расклопи, добивајќи се на тој начин двојно или тројно поголема површина на екранот.

Дека ова е и дефинитивно следен чекор во развојот на паметните телефони покажува и тоа што Samsung веќе го претстави својот уред со тн. Infinity Flex екран, чија продажба бо требало да почне во март, 2019. година. Huawei, исто така, работи на свој смартфон на превиткување, а Lenovo и Xiaomi веќе објавија „тизери” за своите прототипи.