Сините китови низ светот пејат потивко, а научниците сега имаат повеќе индиции околу причината за оваа појава, пишува Science Daily.
Една нова студија открива дека постојат сезонски варијации во гласот на китот, во корелација со кршењето на морскиот мраз во јужниот дел на Индискиот Океан. Новото истражување, исто така, го отфрла загадувањето од бучавата како причина за овој глобален долгорочен тренд.
Сините китови се меѓу најгласните и најголеми животни во океаните. Само мажјаците пејат, а тоа некогаш го прават толку гласно, што наликува на звуците од големите бродови. Гласните песни на китот можат да патуваат под вода повеќе од илјада километри, дозволувајќи им овие животни на тој начин да комуницираат низ огромните океани.
Сините китови постепено го намалуваат тонот во текот на неколку децении, а причината за ова досега беше мистерија. Сега, новата студија објавена во AGU’s Journal of Geophysical Research: Oceans го открива мистериозниот долготраен тренд на опаѓање на тонот кај сините китови. Тонот е резултат на фреквенцијата на звучниот бран, обично мерен во херци.
Авторите на новата студија користат нови податоци од јужниот дел на Индискиот Океан за да го исклучат загадувањето од бучавата како причина за промена на тонот. Наместо тоа, новата студија сугерира дека падот на тонот е анатомска последица на потивкото пеење. Се смета дека песните на китовите може да бидат потивки поради зголемениот број китови или промените во океанот поради климатските промени, велат авторите на студијата.
“Сметаме дека тоа е нешто што не се прави намерно од страна на китот. Намалување на интензитетот на повикувањето ја намалува и фреквенцијата на пеењето, само поради механизмот за емисија на звук“, вели Емануел Лерој, главен автор на новата студија и истражувач при Универзитетот во Нов Јужен Велс во Австралија.
Новото истражување исто така открива сезонскa поврзаност во песните на сините китови на Антарктикот и со бучавата од топењето на морскиот мраз. Студијата открива дека сините китови во јужниот дел на Индискиот Океан го зголемуваат тонот во текот на летото. Тонот може да се зголеми бидејќи китовите пеат погласно за да се чујат поради кршењето на морскиот мраз, додаваат авторите на студијата.