Паралелно со производство на електрична енергија од јаглен во РЕК „Осломеј“ се вложуваат напори и за производство на чиста енергија од обновливи извори. АД ЕЛЕМ ја разгледува можноста на површините од поранешниот рудник за јаглен да се изгради фотонапонска електроцентрала во согласност со сите европски и светски стандарди и критериуми.
Според планираната динамика, електроцентралата со производство на електрична енергија треба да започне во првата половина од 2020 година. Додека, пак, изградбата на овој електроенергетски капацитет се очекува да почне во првите месеци од наредната година.
– Овој период се работи со интернационални експерти за фотонапонски електроцентрала, како и со консултанти од областа на заштита на животната средина, здравјето, безбедноста и општествената одговорност. Се прават длабински анализи, за сите аспекти на проектот да бидат усогласени со неопходните меѓународни стандарди. По воспоставувањето на сите технички и социоекономски параметри, до крајот на оваа година треба да се потпише договор за финансирање изградба на фотонапонска електроцентрала со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). На почетокот на 2019 година следува распишување меѓународен тендер за изградба на електроцентралата „Осломеј“ – истакнаа од АД ЕЛЕМ, од каде што додаваат дека според планираната динамика, фотонапонската електроцентрала со сопствено производство ќе почне во првата половина на 2020 година или за 18 месеци ќе протечат првите киловати електрична енергија од новоизградениот електроенергетски капацитет.
Што се однесува до постојната термоелектрана, од АД ЕЛЕМ посочуваат дека во согласност со годишниот план за производство за 2018 година, РЕК „Осломеј“ е планирано да се синхронизира на мрежа во текот на овој месец и да работи во согласност со потребите за електрична струја. Електроцентралата би продолжила со производство во време на грејната сезона, во зависност од временските услови и доколку има потреба од електрична енергија, електроцентралата ќе биде вклучена во системот, бидејќи има обезбедено доволно јаглен за ставање во погон.
Поврзани артикли