Откако пред повеќе од 100 години полета првиот авион, практично секое летало на небото леташе со помош на подвижни делови како што се пропелерите, турбините и моторите, кои се напојуваат преку согорување на фосилни горива или пак со батериски пакувања, пишува Science Daily.

Сега ,инженерите при МИТ го изградија првиот авион без подвижни делови. Наместо пропелери или турбини, лесниот авион се напојува со “јонски ветер“ – тивок, но силен проток на јони кој се произведува во авионот, и кој генерира доволно сила за да го движи авионот за време на еден одржлив и постојан лет.

За разлика од авионите со погон на турбини, авионот не зависи од фосилните горива за летање. И за разлика од беспилотни летала, новиот дизајн е целосно тивок, додава Science Daily.

“Ова е првиот постојан лет на авионот без движечки делови во погонскиот систем“, вели Стивен Барет, вонреден професор по аеронаутика и астронаутика во МИТ. “Ова потенцијално отвора нови и неистражени можности за авионите кои се потивки, механички поедноставени и не испуштаат емисии на согорување“.

Барет додал дека во блиска иднина очекува таквите системи може да се користат за летање на помалку бучни беспилотни летала. Понатаму, тој предвидува јонски погон поврзан со поконвенционални системи за согорување кои би создале поефикасни хибридни патнички авиони и други големи авиони.