Корејската компанија Samsung планира на почетокот од следната година да претстави нови модели на мобилни телефони од серијата Galaxy S. За разлика од актуелните S9 и S9+, моделот S10 ќе има три верзии, од кои две ќе имаат закривен, а една рамен екран.
Големината на екранот не би требало да се разликува од моделите на S9-серијата. Така, помалите модели ќе го задржат екранот од 5,8 инчи, а поголемите ќе имаат дијагонала од 6,2 инчи. Моделот со рамен екран се очекува да има екран од 5,8 инчи.
Во однос на екраните, треба да се наведе и дека за новата Galaxy S10 линија, Samsung подготвува нова генерација на OLED-екрани за кои се користи работниот назив M9. Според изворите, за изработка на M9-екраните се користат нови форми на органски материјали, од кои некои ќе бидат набавени и од нови фабрики – црвените ќе ги испорача американската Dow Chemical, а сините материјали SFC Chemicals, исто така од САД.
Со тоа без ангажман остануваат Duksan Neolux (црвени) и Idemitsu (сини), кои ги обезбедуваа наведените материјали за производство на органски светлосни диоди во М8-екраните користени кај S9, S9+ и Note 9. Зелениот материјал за изработка на OLED-екраните ќе продолжат да го обезбедуваат Nippon Steel и Samsung SDI.