Кога 4,3-инчниот HTC HD2 беше лансиран во 2009. година, многумина рекоа дека екранот на паметниот телефон никогаш нема да биде поголем. Но, само неколку години подоцна, Samsung Galaxy Note ја проби магичната граница од 5-инчи со својот дисплеј од 5,3-инчи. Сега го имаме Galaxy Note 9, кој има 6,4-инчен екран, а постои и 6,5-инчниот iPhone XS Max на Apple. Големините на екраните би можеле да бидат уште поголеми следната година, ако се точни извештаите од Кореја.

Според една веб-страница која наведува неименувани корејски извори, се очекува Galaxy Note 10 да биде опремен со екран со дијагонала од 6,66-инчи, кој ќе биде опремен со 4K резолуција. Телефонот наводно се нарекува под кодот “Да Винчи”, а американскиот модел ќе работи со новата Qualcomm Snapdragon 8150 Mobile платформа, додека за европскиот пазар тоа веројатно би бил Exynos 9820.

Се очекува дека смартфонот ќе донесе поддршка за 5G, а на задната страна ќе има тројна камера. Galaxy Note 10 наводно ќе биде достапен кон средината на следната година, наспроти традиционалното објавување на новиот производ од оваа серија во третиот квартал. Тоа би значело дека во првата половина од годината, од Samsung ќе ги видиме Galaxy S10 и Galaxy Note10, но и Galaxy F телефонот на превиткување.