Ново истражување за тоа како функционира мозокот открива дека кога луѓето очекуваат да почувствуваат интензивна болка, токму тоа и го добиваат, дури и ако не се подложени на болни стимули, пишува Science Daily. Ваквите лажни очекувања можат да останат дури и кога реалноста е поинаква, покажува истражувањето.
Доколку очекувате инекцијата да ве боли, најверојатно ќе биде така, дури и ако иглата не е толку болна. “Откривме дека постои позитивна повратна врска помеѓу очекувањата и болката“, вели Тор Вагер, професор по психологија и невронаука на Универзитетот во Колорадо Боулдер. “Колку повеќе болка очекувате, толку посилно вашиот мозок реагира на болката. Колку посилно реагира мозокот на болката, пак, толку поголеми ќе бидат и очекувањата“.
Истражувачите со децении биле заинтригирани од идејата за самореализирање на предвидувањата, со истражувања кои покажуваат дека очекувањата можат да влијаат на сè, од тоа како некој ќе помине на тест , па се до тоа како ќе реагира на некој лек. Новото истражување е прво кое директно ја моделира динамиката на повратната врска помеѓу очекувањата и болката, и нервните механизми кои влијаат врз нив.
Марике Џепма, истражувач во лабораторијата на Вагер, го започнала истражувањето откако забележала дека дури и откако на субјектите им било неколкупати прикажано дека нема да им се случи ништо лошо, некои сепак го очекувале тоа. “Сакавме подобро да разбереме зошто очекувањата за болка се толку отпорни на промени“, рекла Џепма, главен автор на истражувањето.