Вештачката интелигенција е во средиштето на технологијата за автоматизиран симултан превод на говорот, која ја развива кинескиот технолошки џин Baidu, во соработка со универзитетот Орегон.
Компанијата Baidu, позната во остататокот на светот како “кинески Google”, во соработка со американскиот универзитет Oregon изработи систем на вештачка интелигенција STACL (Simultaneous Translation with Integrated Anticipation and Controllable Latency) специјализиран за симултано преведување на говор. Ова не е прв AI систем кој служи за автоматизирани преводи од еден јазик на друг, но е прв, кој успешно ги пребродил проблемите со редоследот на зборовите во реченицата, што се јавуваат во различните јазици.
Вградениот систем на антиципација и латенција му овозможува на STACL да предвиди крај на реченицата или некои нејзини делови, но и да причека колку што е потребно за да добие доволно информации за точен симултан превод. Од Baidu велат дека моментно овој преведувач може да преведува од мандарински на англиски во речиси реално време, додека во другиот правец постои доцнење од околу пет секунди, токму поради разликата во граматичките структури на речениците во тие јазици.
We are excited to announce STACL, the first simultaneous translation system w/ integrated anticipation & controllable latency. This is a major breakthrough in #NLP due to word order differences between languages and simultaneity requirement. Demo & paper: https://t.co/qvW0KwRD9J pic.twitter.com/xokWYimSDM
— Baidu Research (@BaiduResearch) October 23, 2018
Секако, компјутерската невронска мрежа која е основа на овој систем, може да се “тренира” на примери, па така за секој одреден јазик, но и контекст, може да “учи” да препознава примероци, да предвидува зборови и да го подобри квалитетот на своите преводи. Освен што е брз и прецизен, системот на вештачка интелигенција не се заморува и не греши кога подолго време извршува симултано преведување без одмор, па во Baidu веруваат дека во иднина ќе може да ја задоволи се поголемата побарувачка за симултани преведувачи.
Примерите како STACL преведува помеѓу мандарински и англиски можно е да се погледнат тука, а сите можности на автоматизираните преведувачи, Baidu планира да ги претстави на својата World Tech конференција во Пекинг следната недела.