Од американскиот универзитет Penn State пристигнува експериментална студија, само трета од таков вид во светот, со која во врска се доведуваат емоционалната стабилност на поединецот и опсегот на користење на разните социјални мрежи. Досегашните студии го опфаќаа само Facebook, додека оваа ги вклучува и Snapchat и Instagram, а се потпира на вистинските податоци за користењето на овие сервиси, наместо оние добиени преку анкета.
Вкупно 143 испитаници, пред и по спроведувањето на студијата, дадоа податоци за својата емоционална состојба, како и за чувствата на депресија, анксиозност, страв од пропуштање и осаменост, а потоа беа поделени во тестна и контролна група. На тестната група, користењето на Instagram, Snapchat и Facebook и беше ограничено на 10 минути по апликација на ден, додека испитаниците од контролната група продолжија со користење на социјалните групи како и претходно. Времето на користење е контролирано преку податоците извлечени од мобилните на самите корисници, а експериментот траеше три дена.
По истекот на тој период, испитаниците повторно известија за своите чувства, а студијата потоа доби прилично јасни заклучоци. Користењето на социјални мрежи во помал опсег доведува до помало чувство на осаменост и депресија, а резултатите се посебно видливи кај подепресивните поединци. Иако социјалните медиуми во основа се создадени за корисниците меѓусебно да контактираат, негативните чувства на депресија и осаменост ги предизвикува фактот дека на нив често се споредуваме со другите – што потоа предизвикува негативни последици.
Дури и контролната група, која не мораше да го ограничи времето поминато на социјалните мрежи, но мораше да го надзира и пријавува, забележи намалување на анксиозноста и FOMO ефектот.
Авторите на студијата заклучуваат дека не би требало во целост да се укине користењето на социјалните мрежи за постигнување на ментално добро, но намалувањето на времето кое го поминуваме на нив може да донесе позитивни резултати. “Оставете го смартфонот и дружете се со луѓето околу вас, и ќе се чувствувате подобро”, се вели во студијата.