Внатрешноста на автономните возила ќе биде целосно поинаква од сегашните автомобили и во нив ќе има место за кауч или кревет, па ваквите автомобили би можеле да станат и места за проституција.

Повеќе пати пишувавме за бројните новитети и промени кои во нашите животи би можеле да ги донесат автономните автомобили – од (да се надеваме) многу поголемата сигурност, па до фактот дека луѓето веројатно повеќе нема да возат автомобили, ниту воопшто ќе ги поседуваат. Наместо купувањето возила, ќе биде поедноставно и поевтино само да се повика возило кога е потребен превоз.

Но, тоа нема да бидат единствените промени кои ќе ги донесат автомобилите без возач и научниците од Оксфорд спроведоа истражување околу другите потенцијални новитети кои можеме да ги очекуваме со популаризацијата на возилата, со кои ќе управуваат компјутерите. Влијанието на ваквите автомобили би можело да се почувствува дури и на пазарот на проституција, бидејќи со автономните возила би можеле да се појават и мобилните бордели.

Бидејќи автомобилите ќе бидат целосно поинаку дизајнирани со ентериер ориентиран првенствено на удобноста на патниците – можеме да очекуваме каучи и кревети наместо седишта, така што оние што сакаат, наместо хотелска соба, ќе можат да изнајмат автомобил во кој нема да има возач кој би пречел.

Исто така, автономните возила би можеле да имаат влијание и на рестораните и хотелската индустрија, бидејќи патниците, наместо во хотелите, би можеле да спијат во вакви возила. Таквите ноќевања би можеле да бидат поевтини во однос на хотелите, а луѓето би можеле да го спојат удобното со корисното. Додека компјутерот би го управувал со возилото кон саканата дестинација, луѓето би можеле да спијат во него.

За оние кои се во брзање, ваквите возила би можеле да ги заменат и рестораните, бидејќи во нив би можеле да ручаат или вечераат, а сето тоа, секако, за време на возењето.

Извор: Tech Spot