Во третиот квартал Apple оствари голем раст на приходите и добивката, но поради послабите процени на понатамошниот раст, цените на акциите на технолошкиот гигант паднаа, па неговата пазарна вредност се симна под илјада милијарда долари.
Според најновиот извештај, приходите на Apple во третиот квартал достигнале речиси 63 милијарди долари, што е за 20 отсто повеќе отколку во истиот период лани. Притоа, чистата добивка на Apple се зголемила за 31 отсто, на 14,1 милијарди долари.
Покрај растот на добивката и приходите, цената на акциите на Apple падна во четвртокот во продолженото тргување по затворањето на Вол стрит и во еден момент потона за 7 отсто, па технолошкиот гигант на пазарната вредност загуби околу 70 милијарди долари. Поради тоа, вредноста на највредната технолошка компанија во светот се спушти под илјада милијарди долари.
Тоа е последица на процената на работодавците од компанијата дека во четвртото тримесечје, кога продажбата се зголемува поради божиќните празници, нејзините приходи ќе изнесуваат меѓу 89 и 93 милијарди долари, додека аналитичарите во анкетата на „Ројтерс“ очекувале 93 милијарди.
Во последното ланско тримесечје приходите на Apple изнесуваа 88,3 милијарди долари. На цената на акциите негативно влијаеше и најавата на компанијата дека ќе престане да известува за бројот на продадени iPhone, iPad и iMac компјутери.
Аналитичарите велат дека тоа не е добро затоа што продажбата на најважниот производ на Apple, iPhone – веќе долго време е клучен показател за успехот на кварталното работење.
Без објавување на бројот на продадени iPhone уреди, велат аналитичарите, ќе биде невозможно да се пресмета просечната продажна цена на тој паметен телефон.
Од друга страна, од раководството на компанијата порачуваат дека бројот на продадени примероци од телефонот станува помалку важен бидејќи купувачите купуваат производи во пакет, вклучувајќи, на пример, претплата на Apple Music.
Apple во третото тримесечје продаде 46,9 милиони iPhone уреди, малку повеќе во споредба со 46,7 милиони во истиот период лани, но и помалку од очекувањата на аналитичарите од 47,5 милиони.
Меѓутоа, просечната цена на продаден iPhone во текот на изминатиот квартал изнесувала 793 долари, значително повеќе од оние 750 долари, колку што очекуваа аналитичарите.
Светла точка во извештајот на Apple претставува и растот на приходите од услугите на компаниите за 17 отсто на годишно ниво, на рекордни речиси десет милијарди долари.
Извор: Tportal.hr