Астрономите пронашле далечна галаксија во која нема темна материја, мистериозен и невидлив “костур” на универзумот, за кој се смета дека зазема 27 отсто од вселената.
Темната материја така се нарекува затоа што не може да се види, а научниците за нејзиното постоење знаат врз основа на набљудувањето на нејзиното влијание врз движечките небесни тела кои можат да се забележат, како што се ѕвездите. Се претпоставува дека ваквата темна материја ја има насекаде.
Меѓутоа, Питер ван Докум, астроном од универзитетот Јејл, заедно со неговите колеги открил голема и стара галаксија со релативно мал број на ѕвезди кои се движат без видливо влијание на темната материја, се наведува во студија објавена во списанието “Nature”.
Тоа откритие сепак нема да ги потресе темелите на физиката, туку, како што велат научниците, недостатокот од темна материја ќе помогне во докажувањето на нејзиното постоење.
Астрономот Стејси Мекго, која не била дел од истражувачкиот тим, го нарекла ова откритие “интригантно” и додала дека станува збор за “изопачена галаксија”.
Ван Докум ја проучува дифузната галаксија, просторно огромна, но со мал број на ѕвезди. Поради тоа научниците создале и свој телескоп наречен “Драгонфлај”. Со помош на “Драгонфлај” пронашле галаксија во соѕвездието Кит, голема како Млечниот пат, но со само еден процент од неговите ѕвезди.
Со мерењето на брзината на движење на ѕвездените јата е дојдено до заклучок дека тоа е брзина која се остварува кога нема темна материја.
Исто така, со мерењата на вкупната маса во галаксијата е заклучено дека во целина истата е создадена од ѕвезди. Други научници, независно од ставот за самата темна материја, не ги доведуваат во прашање калкулациите но наведуваат дека резултатите се збунувачки.