Од Facebook не откриваат премногу информации околу тоа кој е најпогоден од последниот пропуст и хакерскиот напад, па на корисниците им останува самите да се погрижат за безбедноста на своите податоци и да проверат дали се загрозени.
Последниот од низата на проблеми на Facebook е неодамнешното откривање на тоа дека повеќе од 30 милиони корисници на најголемата социјална мрежа на светот биле на удар на хакери кои што искористиле безбедносен пропуст и дошле до бројни лични податоци.
Познато е дека хакерите имале пристап до личните податоци како што се корисничкото име, полот, јазикот, религијата, родното место, градот во кој што корисникот моментално се наоѓа, датумот на раѓање, од кои уреди корисникот пристапува на Facebook, образованието, интернет страниците и листата со пријатели и следбеници, како и историјата на пребарување на социјалната мрежа.
Веќе на прв поглед е јасно дека хакерите можеле да дознаат многу од тие податоци за одредено лице, па според безбедносните експерти, прашање на време е кога податоците ќе бидат ставени на продажба на “Dark Web”.
Како да проверите дали вашиот профил на Фејсбук бил компромитиран и што да сторите во врска со тоа?
Најпрвин, логирајте се на вашиот профил на Фејсбук и посетете ја ОВАА страница (https://www.facebook.com/help/securitynotice). Откако ќе пристапите на страницата, Фејсбук ќе изврши проверка и ќе ве извести дали вашиот профил бил мета на хакерите.
Кон крајот на страницата, пронајдете го делот со прашањето “Is my Facebook account impacted by this security issue?” (Дали мојот Фејсбук профил е загрозен од овој безбедносен пропуст?), по што ќе можете да го видите дали вашиот профил бил хакиран или не.
Доколку вашиот профил е компромитиран, од Фејсбук ќе ве известат кои податоци стигнале до рацете на хакерите, а доколку не е, во секој случај, од безбедносни причини би било добро да ја промените својата лозинка.
Извор: Zimo.hr