Машина дизајнирана од тим на американски експерти може да направи во некои случаи и до илјада литри вода, создавајќи ја буквално од воздух, пренесува порталот „Index.hr“.

Машината, сосема соодветно наречена „Скајвотер“ (небесна вода), е конструирана од страна на Skysource/Skywater Allinace, тим на експерти за одржливост од Винес, Калифорнија. За оваа машина тимот доби награда од 1,5 милиони долари.

Машините „Скајвотер“, кои се сместени во големи метални кутии, се атмосферски генератори на вода кои работат така што ја кондензираат водената пареа од атмосферата и ја претвораат во питка вода.

Машините работат на соларна, електрична енергија или на биогориво. Во зависност од моделот истите можат да се користат за домаќинства, фарми или за помош во вонредни ситуации, пишува Си-ен-ен.

Тимот на пронаоѓачи во саботата ја доби наградата Water Abundance XPRIZE, што ја доделува непрофитната организација XPRIZE од Калифорнија, која инаку организира натпревари со милионски награди за технолошки решенија за најтешките проблеми со кои се соочува планетата Земја.