На аукција во февруари следната година во Париз ќе се најде едно ремек-дело на предвоената италијанска автомобилска индустрија.

Во периодот кога на сцената сè уште ги немаше „Ламборџини“ и „Ферари“, „Алфа ромео“ беше синоним за елегантен автомобил со високи перформанси од кои застанува здивот.

Еден од нив бил и „Алфа ромео 8Ц 2900Б Туринг Берлинета“ од 1939 година, произведен во предвечерието на Втората светска војна.

Овој модел оригинално бил дизајниран со идеја за учество во автомобилски трки. Примерокот кој ќе се најде на аукција во Париз е еден од само петте произведени во оваа конфигурација во соработка со италијанскиот производител на каросерии „Туринг“.

Автомобилот е купен во 1939 година и испорачан на сопственикот во Англија. Има сменето тројца сопственици, а последниот сопственик е од 1976 година кој одлучил да го понуди на аукција. Се проценува дека ќе достигне цена од 25 милиони долари.