Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, го отвори новиот аеродром во Истанбул, Istanbul Yeni Havalimani, кој е најголем во светот.

Аеродромот почнува со работа од денес. „Се надевам дека аеродромот ќе му користи на нашиот регион и на целиот свет“, рече Ердоган.

Аеродромот се наоѓа во европскиот дел на Истанбул, предвидено е да опслужи 90 милиони патници годишно, а 200 милиони кога целосно ќе биде завршен за 10 години.

Се очекува до кајот на годинава околу 250 превозници со речиси 2.000 авиони да летаат до повеќе од 350 дестинации.

Ова е трет аеродром во Истанбул. Аеродромот „Ататурк“, кој е еден од најпрометните во Европа, на крајот на годината ќе биде затворен за редовни комерцијални летови што ќе ги преземе новиот аеродром. Првото патување од новиот аеродром ќе биде на 31 октомври кон Анкара, а првиот меѓународен лет ќе биде за Северен Кипар.

Неговата изградба почна во јуни 2014 година, а сега е завршена првата од вкупно четири фази на изградба.

Изградбата на аеродромот чини 10,5 милијарди евра. Кога целосно ќе биде завршен, ќе се простира на површина од 7.659 хектари, што е околу 76 квадратни километри и ќе има шест писти со капацитет за 500 авиони. На новиот аеродром ќе биде изграден и најголемиот светски трговски комплекс без царина. Ќе има и 70.000 паркинг-места.

Организацијата „Хјуман рајт воч“ извести дека најмалку 39 работници загинале додека траела изградбата во последните три години.