Вклучена сијаличка за предупредување на покажувачот за количество на гориво е нешто што никој не сака да го види, особено не во доцните ноќни часови на темен автопат. Но дали вашиот автомобил повеќе го „мрази“ тоа дури и од Вас?

Експертите велат дека резервоарот за гориво секогаш треба да биде исполнет барем една четвртина од капацитетот. Очигледно, тоа ќе помогне да не дојдете во опасна ситуација како ниско ниво на гориво, а предалеку од бензинска пумпа за да дополните, но има и други, помалку очигледни причини да чувате нешто повеќе гориво во резервоарот. Возењето со скоро празен резервоар или резерва која се доближува до отпадоците на неговото дно, може да предизвика оштетување на вашиот автомобил на повеќе начини.

Со празен резервоар нема да стигнете многу далеку, но поважно е тоа што кога автомобилот ќе остане целосно без гориво може да се оштети катализаторот, кој е дел од издувниот систем.

Исто така, може да дојде до заглавување на дел од отпадоците од дното на резервоарот во пумпата за гориво. Тоа е затоа што сите мали честички кои го нашле својот пат до резервоарот за гориво се сместени на дното и имаат тенденција и да останат таму се додека вашиот автомобил не се обидува да ја искористи и последната капка гориво во резервоарот. Кога пумпата за гориво ќе го вшмука последното количество од резервоарот, сите остатоци одат заедно со него, па оттука и можноста честичките да се заглават во пумпата или филтерот за гориво.

Во раните модели на автомобили (од 1980-тите и постарите), резервоарите за гас обично се направени од метал и како што се оштетуваат од искористеност, штетните остатоци може да се врзат за дното. Поновите автомобили имаат пластични резервоари за гориво, па таквите непожелни честички во резервоарот доаѓаат од лошо гориво.

Но, остатоци заглавени во пумпата за гориво не е единствениот начин на кој може да го оштетите автомобилот. Во некои автомобили, пумпата за гориво се наоѓа во резервоарот за гориво, а горивото делува како изолација и мазиво како што тече низ пумпата. Доколку постојано го одржувате резервоарот за гориво на ниско ниво, пумпата за гориво може да се прегрее, што ќе предизвика таа да се истроши предвреме.

Е сега и за резервата. Колку далеку може да стигнете со мерач за гориво во црвено? Тоа зависи од автомобил до автомобил, а и од самите вас. Кај повеќето автомобили, сјаличката за гориво засветува во момент кога во резервоарот има 7.5 до 11 литри. Кај поголемите возила како SUV моделите тоа може да значи и 15 литри или околу 1/16 од резервоарот. Колку со овие количини може да поминете е друга променлива што зависи од ефикасноста на вашиот автомобил, вашиот стил на возење и дали сте во град, на автопат или заглавени во сообраќаен метеж.

Кај поновите автомобили (во едни сериска опрема, во други дополнителна) има дисплеј во кластерот за инструменти кој го покажува досегот со преостанатото гориво. Генерално, проценката е точна, но повторно ќе кажеме тоа е само проценка чие исполнување зависи од повеќе фактори. Промената на условите на патот или кој било друг фактор може да влијае на точноста на овој мерач, па ако премногу се потпирате на податоците од него, може да останете и непријатно изненадени.

Сега кога знаете дека возењето со резервоар на резерва е всушност лошо за вашиот автомобил, би требало да биде и полесно да прекинете со таа навика. За да избегнете непријатни ситуации, доволно е само да дополните кога сјаличката за гориво за првпат ќе се запали и се ќе биде во ред.

СОВЕТ

Ако се возите сами, а ја игнорирате или некако не сте ја приметиле сјаличката за ниско ниво на гориво, а вашиот автомобил почнува да „дише на шкрги“, има неколку работи кои треба да ги направите веднаш. Исклучете ја климатизацијата – тоа ќе го намали стресот на моторот, заштедувајќи скапоцено гориво. Исклучете го аудио системот и сите други уреди. „Соберете“ ги прозорците за да го намалите влечењето и возете што е можно пополека додека не стигнете до првата бензинска пумпа.