За три години би можеле да ги видиме дроновите на Uber како доставуваат храна од рестораните.

Компанијата која што направи вистинска револуција кога станува збор за такси превозот, веќе размислува за ширење на нови пазари. Во компанијата веќе работат на електрични возила, а наскоро ќе стартува програмата UberEats за достава на храна од рестораните.

Имено, храната сега се доставува со велосипеди, мотори и автомобили, а Uber планира тоа да го промени за три години.

Од компанијата неодамна објавија оглас за работа во кој се бара менаџер за управување со UberExpress, услуга за достава на храна со беспилотно летало. Од Uber велат дека програмата е во рана фаза на развој, меѓутоа според некои гласини, во компанијата имаат зацртано цел веќе идната година да имаат функционални дронови, а услугата да биде лансирана до 2021. година.

Инаку, познато е дека Uber веќе подолго време е вклучен во тестирањето на комерцијални беспилотни летала. Пред три години, Uber во соработка со Dialexa, во Далас користеше дронови за достава на храна.

Секако, Uber не е единствената компанија која што ја тестира оваа технологија, а според извршниот директор на Dialexa, Скот Харпер, проблемот и ограничувањата воопшто не се во технологијата, туку во законите и правилата кои треба да обезбедат максимална сигурност за луѓето, затоа што евентуален пад на леталото на земјата би можел да биде смртоносен по случајните минувачи.

Извор: Zimo.hr