Оваа година Apple успеа да нѐ изненади со именувањето на новите уреди од производната линија на смартфони.

Кога излегоа новите модели на iPhone, името Xs беше многу лесно прифатено бидејќи го следеше логичниот пат на додавање на буквата „s“ по името на ажурираниот модел од минатата година. Светот многу потешко го прифати името на моделот XR, најмногу поради тоа што не знаеше што значи буквата „R“.

Apple претходно ја немаше употребено буквата „R“ за да именува некој од уредите кои ги произведува, па затоа името наиде на многу прашалници кај купувачите. Дали е одбрана R бидејќи во англиската азбука доаѓа веднаш по S? Дали R во името значи дека телефонот е на некој начин посебен? Кој го смисли ова име?

Фил Шилер, директорот за маркетинг во Apple, вели дека новото име нема никакво посебно значење за купувачите и за перформансите на телефонот, туку има посебно значење лично за него.

„Сакам автомобили и мотори кои возат брзо, а R и S се две букви со кои се именуваат посебните модели на спортски автомобили. Тоа ме натера да го одберам името iPhone XR“, вели Шилер.

Новиот iPhone XR ги има истите спецификации како и поскапиот Xs, но наместо алуминиумско, тој има железно тело. Исто така, тој има различен екран и користи поинакви технологии на камерата кои не се помалку квалитетни, туку се „експериментални“, како што велат од компанијата.