Следниот медиумски настан на Apple ќе се одржи на 30. октомври. Компанијата ги испрати поканите за презентацијата во Њујорк, која ќе биде посветена на другите производи од портфолиото на компанијата од Купертино, за кои не стана збор на премиерата на iPhone. Поканите се со различен дизајн и вклучуваат натпис „There’s more in the making“, што насочува кон можностите за креативна употреба на уредите.
На 30. октомври очекуваме да ги видиме новите модели на iPad Pro со намалени рамки околу екранот и без сензор за отпечатоци, но со Face ID технологијата за 3D препознавање на лицето. Најверојатно уредите ќе продолжат да користат LCD екрани наместо OLED, поради високата цена на компонентите, а освен тоа се претпоставува дека ќе имаат USB-C конектор наместо Lightning. Се шпекулира дека компанијата ќе го отстрани стандардниот 3,5-инчен приклучок за слушалки.
Меѓу другите очекувани производи се новите модели на MacBook (вклучувајќи го и наследникот на MacBook Air), Mac mini и iMac, а покрај тоа можно е да дознаеме повеќе за модуларниот компјутер Mac Pro. Најверојатно ќе има и софтверски информации околу iOS и WatchOS.
Настанот ќе почне во 16 часот по македонско време и ќе може да се проследи на веб-страницата на Apple. За истиот дена беше закажана и премиерата на OnePlus 6T, но поради настанот на Apple, истата ќе се одржи еден ден претходно, на 29. октомври.