Јапонските научници измислија гуми за џвакање што никогаш не губат вкус

Ако идејата за уред кој со помош на струја го стимулира вашиот јазик ви звучи нехумано, научниците од Универзитетот Меиџи во Јапонија, дефинитивно, нема да се согласат со вас. Тие, всушност, развија мал електричен стимулатор на јазикот создавајќи ја првата гума за џвакање што трае вечно. Иако сè уште не успеаја да создадат вкус на шумско овошје и пеперминт, тие се убедени дека пред себе имаат светла иднина, пренесува „Дигитал трендс“.

На крајот на краиштата, за време на јавното тестирање на овој гаџет, секој што се осмели да го проба вели дека има горчлив или солен вкус. Гумата за џвакање од јапонскиот институт не губи вкус бидејќи поради џвакањето таа постојано го стимулира јазикот.

Научниот тим тврди дека со текот на времето ќе создадат горчлив, сладок и умами вкус (умами е ароматичен вкус карактеристичен за производите од ферментирана соја, сирењета или печурките шитаки). Уредот е претставен во Европа во рамки на ACM симпозиумот за софтвер за кориснички интерфејси и технологии во Германија.