Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, главниот извршен директор на „Хуавеи“ во Македонија – Марин Тинчев и амбасадорката на Народна Република Кина во Македонија – Jин Лисјен присуствуваа на свеченото доделување ваучери на петте најдобри студенти во областа на информатички технологии и телекомуникации.
Во рамки на програмата Huawei Seeds for the Future, која постои од 2008 година, а во Македонија се одржува по трети пат, студентите ќе престојуваат во Кина на двонеделна студиска посета, каде што ќе имаат можност да ги надградат своите знаења.
Посакувајќи им успешен престој во Кина, министерот Манчевски истакна дека ова ќе биде позитивно искуство за студентите бидејќи тие ќе имаат можност да видат во пракса сè што научиле за време на студиите. ИКТ-струките во Македонија произведуваат квалитетни кадри, кои понатаму имаат можност да добијат вработување насекаде во светот. Сепак, министерот Манчевски им порача на студентите по завршувањето да се обидат да успеат овде, во Република Македонија.
„Ви се нуди шанса и вие да се обидете да започнете сопствена идеја, иновација, бизнис, врз основа на тоа што вие го имате како иновативна идеја. Преку младинската гаранција, низ низа мерки, преку Фондот за иновации и технолошки развој, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, ви се нудат шанси како да започнете бизнис“, истакна министерот Манчевски.
Според него, „Хуавеи“ е еден од технолошките лидери и еден од партнерите во Македонија затоа што тука има доста заеднички вложувања, особено во делот на образованието.
Обраќање имаше и амбасадорката на Народна Република Кина во Македонија, Jин Лисјен, која изрази надеж дека посетата на студентите ќе биде успешна и продуктивна, во исто време заблагодарувајќи ѝ се на владата на Република Македонија за поддршката на програмата на Хуавеи Seeds for the Future.
Главниот извршен директор на „Хуавеи“ во Македонија, Марин Тинчев, ја истакна важноста на центрите за обука ширум светот на „Хуавеи“, како центри за трансфер на знаење и зголемување на ангажираноста на луѓето во дигиталното општество.
Инаку, петте најдобри студенти ќе имаат можност да бидат сведоци во демонстрацијата на најновите ИКТ-достигнувања, да учествуваат во работилници каде што ќе се сретнат со високи извршни директори и експерти од „Хуавеи“. Исто така ќе посетат и часови по кинески јазик, кинеско сликање и калиграфија. Сите трошоци ќе бидат покриени од „Хуавеи“.