Американскиот производител на електрични автомобили, Tesla, на социјалните мрежи се пофали со беспрекорниот изглед на својот мотор после 1,6 милиони поминати километри.

Електричните автомобили стануваат сè попопуларни токму поради поголемата доверливост од конвенционалните автомобили со мотори со внатрешно согорување.

Поради начинот на развивање на силата на електро-моторите потребни се значително помалку подвижни делови, а не се неопходни ниту степени на пренос, па значително се продолжува долговечноста на моторот и трансмисијата.

Во Tesla истакнуваат дека им било цел да направат погон кој ќе може да помине 320.000 километри, но при тестирањата се покажа дека доверливоста не се намалува ниту после значајно поголема помината километража.

Така, компанијата објави фотографии од механичките делови на својот погон и менувач од Model 3 по споменатите 1,6 милиони минати километри.

Ако овие фотографии се веродостојни, тогаш може да се забележи дека нема некои значителни механички недостатоци и покрај огромната километража.

Во Tesla истакнуваат дека значително напредувале во последните месеци во развој на компонентите за високи оптеретувања, а погонските делови од Model 3 се наоѓаат и во следниот производ на Tesla – електричниот шлепер Semi.

Извор: B92.net