Историски значаен остров во Англија се продава за шест милиони фунти. Имено, станува збор за островот Дрејк на кој има остатоци од градби од времето на Наполеон и кој е полн со историски знаменитости. Овој остров за време на владеењето на Чарлс Втори бил затвор, а денес вреди цело богатство, пишуваат тамошните медиуми.
Островот е именуван Дрејк по сер Франсис Дрејк, кој бил англиски морепловец, гусар, трговец со робје, вицеадмирал и политичар од елизабетанската епоха. Кралицата Елизабета Прва му доделила витештво на Дрејк во 1581 година, тој бил втор по команда на англиската флота против шпанската армада во 1588 година, потчинувајќи се само на Чарлс Хавард и на кралицата. Неговите достигнувања биле легендарни, правејќи го херој меѓу Англичаните, но пират меѓу Шпанците, меѓу кои бил познат како El Draque, „Змејот“.
Дрејк исто така е познат и по тоа што го обиколил светот по морски пат од 1577 до 1580 година. А своето патување го почнал токму на овој остров, кој сега се наоѓа на пазарот, а со него доаѓа и лиценца за изградба на спа и хотели.
Аидан Мекеил, синот на актуелниот сопственик Дан Мекеил, рече дека неговиот татко имал визија за островот.
„Сакаме да ја видиме оваа визија во реалноста и да ги истражиме сите можности за тоа да се случи”, рече тој.
Мекеил го купил островот во 90-тите години, а минатата година добил лиценца за изградба на луксузен хотел, пишува „Мирор“.