Компанијата Huawei вчера во Лондон претстави три нови паметни телефони. Покрај двата очекувани, Huawei Mate 20 и Mate 20 Pro, кинескиот техно гигант изненади и so Huawei Mate 20 X со масивен 7,2-инчен OLED екран.

Најголемиот модел во серијата на телефони, Huawei Mate 20 X е опремен со масивна батерија од 5000 mAh. Мобилниот телефон има 6 GB RAM меморија и 128 GB внатрешна меморија и конфигурација со два звучници.

Од компанијата потенцираа дека овој модел ќе биде совршен за гејминг поради големиот екран, но и поради современиот дизајн за полесно ладење комбиниран со „технологија на ладење базирана на графен“. Mate 20 X доаѓа со процесор Kirin 980 SoC, кој ќе биде одлично заштитен поради новата технологија на ладење.

Во склоп на гејминг компатибилноста на овој телефон, од Huawei најавија дека ќе биде произведен гејмпад кој ќе се прикачува на левата страна на уредот, а на него ќе има аналогна рачка и контролер за движење.

Цената на Huawei Mate 20 X ќе биде 899 долари и тој ќе биде пуштен во продажба на 26 октомври.