Интернет-гигантот Google ја објави својата нова опција моторбајк мод на Google Maps во Кенија, со што земјата станува првата африканска држава што ќе им овозможи гласовна навигација на возачите на мотори.

„За повеќе од милион Кенијци, бода-бода (такси-служби) се лесен и достапен начин за транспорт на луѓе и на продукти од едно до друго место“, велат од Google.

„Со новата опција моторбајк мод на Google Maps, корисниците во цела Кенија сега ќе имаат можност да добиваат насоки и целосна навигација што ќе предлага рути што се поефикасни“, се додава во соопштението.

Бен Челуле, 24-годишен бода-бода возач во главниот град Најроби, ја поздрави оваа одлука на Google.

„Единственото нешто што нè спречува да пренесуваме одредени клиенти е недостиггот од навигациски систем. Доколку патот нема конкретно име, а вие сте нов во таа област, може да се изгубите“, изјави 24-годишниот возач.

Google веќе ја има обезбедено оваа опција во азиските земји, како на пример во Индија.