Интернет-страницата на ултрадесничарскиот германски политичар Штефан Репле од Алтернатива за Германија (АФД), преку кој учениците ги поткажуваат наставниците за кои ќе проценат дека претерано изразуваат политички ставови, поконкретно левичарски, е соборен денеска само неколку часа по лансирањето. Според локалните медиуми, причината за тоа е хакерски напад.
Агенцијата „Ројтерс“ објави дека на интернет-страницата на претставникот на АФД во регионалниот парламент на германската покраина Баден-Виртемберг стои порака дека набргу ќе почне повторно да работи.
„Нашата веб-страница беше цел на хакерски напад“, се вели во пораката.
„Ројтерс“ информира дека германската министерка за правда, Катарина Барли, тактиката на поткажување ја нарекла „алатка за диктатори видена своевремено во комунистичка Источна Германија и за време на нацистичката ера“.
Агенцијата објави дека не успеала да добие независна потврда за тоа дали веб-страницата е навистина хакирана и доколку е така, кој го сторил тоа.