BMW X4 на пазарот е само четири години, но Баварците одлучија во март да го стопираат производството, барем накратко, затоа што пристигнува наследникот.

На Саемот за автомобили во Женева ќе биде претставена втората генерација на BMW X4. На прв поглед, надворешноста не доби некаков револуционерен исчекор во однос на се уште актуелниот модел, но затоа новиот BMW X4 „порасна“ кога се во прашање димензиите.

Меѓуосовинското растојание е за 7,6 сантиметри подолго (288 сантиметри вкупно), должината на автомобилот се зголеми за 5,3 сантиметри (473,4 сантиметри), а BMW X4 исто така стана и поширок за 3,5 сантиметри (193,6 сантиметри).

Кога станува збор за внатрешноста, од BMW потврдија дека новиот BMW X4 ќе биде опремен со целата технологија која што компанијата ја има на располагање, односно од најновиот инфотејнмент систем, па се до најновите технологии а безбедност при возењето.

Основниот модел на BMW X4 ќе има 4-цилиндарски 2.0 мотор со 248 коњски сили и 350 Nm максимален обртен момент. Погонот е на сите четири тркала, а за пренос е задолжен 8-степенски автоматски менувач. На новиот BMW X4 ќе му бидат потребни шест секунди да развие од 0 до 100 километри на час.

Покрај тоа, ќе биде достапен и BMW X4 M40i со 6-цилиндарски 3.0 мотор кој што развива 355 коњски сили и 495 Nm максимален обртен момент. Од 0 до 100 километри на час ќе забрзува за 4,6 секунди.