Американската компанија за информациска заштита „Макафи“ годинава на својата интернет-страница објави листа на најопасните познати личности за пребарување на интернет со цел да ги заштити корисниците и да ги предупреди на кои сајтови може да добијат компјутерски вирус.
Првото место оваа година го зазеде актерката Руби Роуз позната по улогата во серијата Orange Is The New Black. Веднаш зад неа е ѕвездата на реалното шоу Кристин Кавалари, додека на третото место е актерката Марион Котијар, а четврта е нејзината колешка Линда Картер.
Актерките Роуз Бирн и Дебра Месинг се најдоа на петтото и шестото место, додека Кортни Кардашјан се смести на седмото.
Поранешната сопруга на Џони Деп, Амбер Херд е осма на листата на најопасните личности за пребарување, а потоа следуваат актерката Кели Рипа и единствениот маж на листата, Бред Вилијам Хенке.
Главното лице за безбедноста на клиентите во оваа компанија, Гери Дејвис, им порача на корисниците да размислат пред да кликнат на линкот и да обрнат внимание на ажурирањето на сите поставки за безбедност штом ќе станат достапни.