Вашата Wi-Fi мрежа одеднаш стана побавна? Ова се најчестите виновници за тоа, а ви даваме и предлог-чекори што да направите за да ја поправите конекцијата.
Положбата на рутерот
Не е сеедно каде е поставен рутерот. На пример, по правило, подобро е да го сместите на повисоко место, од каде што радиобрановите ќе можат непречено да достигнуваат до вашиот компјутер и паметен телефон. Колку повисоко, толку подобро. Обидете се да го поставите рутерот така што меѓу него и уредите што го примаат сигналот ќе има што помалку бетон и метал, што обично се најголемите пречки. Исто така, убаво би било на патот општо да нема поголеми предмети.
Важно е и рутерот да биде поставен што е можно поблиску до уредите со кои ќе се поврзете на интернет. Бидејќи рутерите испраќаат бранови во 360 степени, добро место е центарот на вашиот дом.
Уреди кои му пречат на сигналот
Рутерот не е единствениот уред во вашата околина што испраќа безжични сигнали. Тоа го прават и други електронски уреди, сателити… Иако рутерот обично работи на друга фреквенција од мнозинството од тие уреди, тие сепак можат да бидат пречка.
На пример, микробрановите печки се честа причина за проблемите од овој вид, особено ако имате постар рутер кој користи фреквенција од 2,4 GHz. Микробрановите работат на 2,4 GHz, што е доволно блиску за пречки. Поголемиот дел од нив имаат соодветна заштита, но сепак држете го рутерот што подалеку од нив, за секој случај.
Bluetooth исто така користи фреквенција како и Wi-Fi. Теоретски, добро дизајниран уред со bluetooth би требало да има вградена заштита која го спречува настанувањето на пречки, а поновите уреди можат и да препознаат кои канали се користат во моментот и да ги избегнуваат. Сепак, може да се појават пречки, па затоа уредите што користат блутут, ако е можно, држете ги подалеку.
Новогодишните светилки исто така може да бидат проблем. Светилките што се користат за украсување во некои случаи може да емитуваат електромагнетно поле кое му пречи на безжичниот интернет.
Соседите ја позајмуваат вашата мрежа
Денес безжичниот интернет е присутен насекаде, па во густо населените подрачја може да дојде до поклопување на каналите. Тој проблем е особено изразен во станбените згради и со постарите рутери кои можат да користат само фреквенција од 2,4 GHz, која има само 14 канали. Поновите рутери автоматски одбираат слободни канали, но не е лошо да научите како да го направите тоа рачно.