Научниците пронашле постари уметнички дела кои даваат нов увид во претходно непозната цивилизација, а исто така отвориле и многу прашања.
Новото откритие во западна Индија ги шокирало археолозите и навестува постоење на претходно непозната древна цивилизација.
Како што пишува BBC, истражувачкиот тим пронашол илјадници петроглифи – врежани слики во камен во регионот Конкан, во индиската држава Махараштра.
Резбариите – кои прикажуваат широк спектар на работи како што се животни, луѓе, птици и геометриски облици – им дале нов увид на археолозите во древната историја на ова подрачје. Нивната разновидност ги шокирала археолозите.
Повеќето слики биле скриени под слоевите од земја и кал. Но, неколку биле на отворено – на простори кои се сметани за свети и обожувани од страна на локалните жители во овие области.
Начинот на кој биле нацртани петроглифите и нивната сличност со оние пронајдени на други делови од светот, ги навеле експертите да веруваат дека се создадени во праисториски времиња и дека можеби се меѓу најстарите досега откриени.
“Нашиот прв заклучок при изучувањето на овие петроглифи е дека настанале околу 10.000 години пред новата ера”, рекол директорот на археолошкиот отсек во Махараштра, Теџаш Гарг.
Заслугите за откривањето на овие слики одат кај истражувачите предводени од Судир Рисбуд и Маноџ Марти. Тие наишле на неколку од овие резбарии на камен и помислиле дека сигурно има уште.
“Одевме илјадници километри. Луѓето почнаа да ни праќаат фотографии и дури и вработивме луѓе да ни помогнат да ги најдеме. Баравме од учениците да ги прашуваат своите баби и дедовци и постарите луѓе во селата дали знаат нешто за некои други слики. Тие ни дадоа многу корисни информации”, рекол Рисбуд.
Во околу 52 села во регионот биле откриени илјaдници петроглифи, а интересно е дека жителите на само пет села биле свесни за нивното постоење.
Рисбуд и Марти ги документирале овие слики и лобирале кај локалните власти за нивно изучување и зачувување.
Интересно е дека на петроглифите, освен многу животни кои живеат во таа област, претставени се и нилски коњи и носорози кои не можат да се најдат таму.Затоа се поставува прашањето дали творците на овие фотографии се луѓе кои мигрирале од Африка во Индија, или можеби тие животни некогаш живееле во Индија.
Владата на Индија одвоила околу 3 милиони долари за изучување на овие петроглифи и археолози се надеваат дека наскоро ќе добијат некои одговори.
Извор: Blic.rs
Поврзани артикли