Јапонскиот производител на автомобили Toyota соопшти дека ќе повлече 2,43 милиони хибридни автомобили во светот, еден месец по повлекувањето на повеќе од милион возила со технологија на двојна моторизација на гориво и струја.

Компанијата наведе дека ги повлекува возилата поради проблем во работата на хибридниот систем, кој би можел да ја зголеми опасноста од несреќи, и додава дека се регистрирани неколку аномалии на возила во Јапонија.

Станува збор за автомобилите Prius и Auris произведени во периодот од октомври 2008. до ноември 2014. година. Хибридните возила користат два или повеќе извори на енергија, наместо еден како традиционалните автомобили. Најчесто е комбинација од бензински или дизелски мотор со електромотор.

Toyota наведува дека аномалиите ги пријавило јапонското Министерство за сообраќај. Податоците од странство не се наведени. Засега во Јапонија се познати три случаи со такви проблеми.

Повлекување на возилата ќе се однесува на 1,25 милиони клиенти во Јапонија, 830.000 во Северна Америка, 290.000 во Европа, 3.000 во Кина и околу 60.000 на други места во светот.