Корисниците на Facebook често ги интересира дали можат да дознаат кој го гледал нивниот профил. Постојат голем број апликации што тврдат дека тоа може да се овозможи. Но, дали е навистина така?
За жал, краткиот одговор на ова прашање е НЕ! Не постои начин да проверите кој ви го гледал вашиот профил. Станува збор за еден од најстарите и најупорни митови поврзани со најголемата социјална мрежа во светот, а кој од Facebook во повеќе наврати категорично го негираа. Другите социјални мрежи, на пример Linkedin, ја нудат оваа можност, но не и Facebook. Воедно, оваа функција не е достапна ниту со други апликации.
Facebook знае многу работи за вас и ве следи: вашата локација, вашата историја на пребарувања на интернет и други навики. Од друга страна, Facebook, за разлика од Linkedin, главно е мрежа за приватни луѓе. За многу корисници би била одбивна можноста за следење на тоа кој им го гледа профилот, па Facebook поради тоа не нуди пристап до овие податоци.
Апликациите ќе се обидат да ве измамат
Зошто тогаш постојат многу апликации што тврдат дека ќе ви овозможат ваков увид во податоците? Па, како што дознавме благодарение на скандалот поврзан со „Кембриџ аналитика“, апликациите може да бидат одличен начин за масовно собирање податоци. Со други зборови, овие апликации се обидуваат да ве измамат за нивните креатори да стигнат до вашите податоци.
Во најдобар случај, апликациите им ги продаваат вашите податоци на рекламни компании, а во најлош случај, станува збор за прикриен злонамерен софтвер што може да ви нанесе многу штета – од крадење податоци до крадење пари и идентитет. Затоа, ако налетате на ваква апликација, пријавете ја на Facebook.
Што ако веќе сте ја инсталирале? Избришете ја од уредот и проверете дали поставките за споделување податоци поврзани со Facebook се поставени онака како што сакате.
Тогаш, што можете да видите на Facebook?
До кои податоци можете да дојдете на Facebook? Со големиот притисок од јавноста, регулаторните агенции и законодавците во повеќе земји во светот, на оваа социјална мрежа ѝ наметнале значително построги услови за пристап до податоците од кориснички профил. Сепак, постојат неколку достапни алатки што можат да бидат корисни.
Ако сакате да ја видите целата интеракција со некој ваш facebook-пријател, искористете ја алатката „See friendship“ што се наоѓа кога ќе го отворите профилот на вашиот пријател и ќе кликнете на паѓачкото мени до сличето за пораки.
Доколку ве интересираат податоци за сопствените активности на Facebook, отворете „Activity log“. Тука ќе пронајдете информации поврзани за вашите лајкови, објави, тагови, а има и информации поврзани со конкретни активности.
Извор: Tportal.hr