Во август, Tesla Model 3 напиша историја на пазарот во САД кога продаде повеќе од Mercedes, BMW и Audi патничките автомобили заедно, но сега Model 3 оствари нов рекорд за продажба на некој електричен модел.

Американскиот гигант успеа да ја надмине Toyota Corolla и да стигне до четвртото место на листата на најдобро продавани автомобили (овде не се вклучени пик-ап, кросовер и SUV модели).

Според неофицијални информации, Model 3, во месец септември, стигнал до 22.250, додека Corolla имала пад на продажбата од 34% или продажба од 20.797 единици. Така, овој електричен автомобил моментално заостанува само зад Toyota Camry, Honda Accord и Honda Civic. Ако се погледнат бројките за сите возила заедно, лидер е Ford F-Series, кој најверојатно и ќе ја заврши годината како лидер, веќе 34 години по ред.

Во третиот квартал од оваа година, Tesla, наводно, веќе ја има поминато бројката од 80.000 продадени возила, од кои Model 3 игра има учество од околу 53.000 единици. Успехот е уште поголем кога се знае дека компанијата сè уште не е во можност да го испорача саканиот број на возила и дека во моментов се произведува само поскапата верзија на моделот. До крајот на годината, партнерот на Tesla, Panasonic треба да започне со производство на батерии во новата фабрика во државата Невада, со што месечната испорака би требало да се зголеми на околу 30.000 возила.

Раст на продажбата бележат и другите модели на компанијата, но бројките за нив секако не се толку импресивни. Имено, Model S стигнал до 3.750 корисници, а Model X до 3.975.