Ирската комисија за заштита на податоците почна истрага за последниот скандал што го потресе „Фејсбук“, во кој беа загрозени податоците на речиси 50 милиони корисници.
„Истрагата ќе провери колку ‘Фејсбук’ се придржува до обврските пропишани со Регулативата за општа заштита на податоците (БДПР) за спроведување соодветни технички и организациски мерки за да се обезбедат сигурноста и заштитата на личните податоци што ги обработува“, изјави во средата ирската комесарка за заштита на податоците.
Минатата недела од компанијата објавија дека пронашле грешка во својот код, што на хакерите им овозможило да пристапат до податоците на речиси 50 милиони луѓе. Според БДПР, секоја компанија што нема да направи доволно за да спречи упад во нејзиниот систем на податоци може да биде парично казнета.
Максималната казна што може да ѝ биде изречена на социјалната мрежа „Фејсбук“ е 4 проценти од годишниот приход, односно 1,63 милијарда долари според минатогодишната заработувачка на компанијата, која изнесува 40,65 милијарди.
Поврзани артикли