Со почеток од 12-ти март 2019 година, Скопско Астрономско Друштво го организира редовниот Воведен курс по астрономија 22-ри пат по ред. Придружете ни се, затоа што учењето го правиме забавно, а овие предавања се одлична можност да се запознаете и со нашата работа и доколку сакате да ни се придружите како членови.

Целта на курсот е посетителите да се запознаат со основните принципи и факти од областа на астрономијата, без да им бидат потребни предзнаења од оваа наука. Астрономските термини и објекти ќе ги претставиме преку секојдневни примери, многу слики, анимации, неколку важни равенки и секако, набљудувања со телескопи.

Предавањата ќе се одржуваат два пати неделно – вторник и четврток, во амфитеатарот на Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ) со почеток од 20:00 часот.

Курсот ќе започне на 12.03.2019 (вторник). Предвидени се 10 термини, од кои две надвор од ФЕИТ. Еден во Планетариумот при Младинскиот Културен Центар во Скопје и друг на теренско набљудување на ноќното небо. Предавањата ќе завршат на 11.04.2019, по што следи незадолжителен тест, а потоа и доделување на дипломи за учесниците.

Цената за целокупниот курс е 1500 денари. За ученици во основно или средно училиште, за студентите на ФЕИТ (со приложен индекс или студентска легитимација) и членовите на Скопско астрономско друштво, цената на курсот е 1000 ден. Во цената се вклучени:

  • скрипта со материјали од курсот;
  • посета на Планетариумот;
  • набљудувања со телескопи;
  • завршен тест;
  • диплома.

Важно:

  • Курсот не се препорачува за деца под 12 години;
  • Претходно пријавување не е потребно. Уплатата се врши пред почетокот на првото предавање.

За повеќе информации пишете на [email protected] или јавете се на 076 439 027.