Утре, 4 октомври, ќе се одржи Сеавус CodeTalks. Ова ќе биде петто издание на CodeTalks во Скопје. Настанот ќе се оддржи во просториите на „Јавна соба“ – Центар за дизајн и иновации, со почеток во 18 часот. Влезот е слободен.
Овој пат на CodeTalks своето искуство ќе го споделат Милица Панзова, сениор девелопер во Сеавус, како и Даниела Богатиноска, сениор тестинг-инженер во Сеавус. Милица ќе зборува на темата Introducing Microsoft Orleans:
„Orleans е framework кој обезбедува директен пристап во градењето на дистрибуирани компјутерски апликации, без потреба да се учат и да се применуваат комплексни патерни за конкурентност или скалирање. Тој е производ на Microsoft Research и дизајниран е за употреба во Cloud. Orleans е широко користен во Microsoft Azure“, вели Милица.
Вториот експерт, Даниела Богатинска, ќе зборува на тема: The Man with the Punch: Evolution starter kit for Software Testing- Philosophy of testing: „Во оваа презентација ќе се зборува за повеќе теми. Една од нив е филозофијата на тестирање и различниот начин на размислување на тестерот и на програмерот. Се опишува како степенот на независно тестирање влијае за избегнување на авторската пристрасност, задачата на тестерот во тимот, како и техники за подобрување на тимската работа. Но најважно од сè е да се нагласи дека тестирањето како активност не е деструктивна и претставува онолку конструктивна активност колку што е и развојот на софтвер“, изјави Даниела.
Пo завршување на презентациите ќе следи панел-дискусија со презентерите. Присуството на настанот може да го пријавите на овој линк: https://codetalks.seavus.com/seavus-codetalks-in-skopje-04102018