Huawei се етаблира како единствена компанија која може да конкурира по продажби на Apple и Samsung на пазарот на паметни телефони. Кинескиот производител веќе работи на неколку атрактивни уреди и ќе одржи специјален настан на 16-ти октомври. Главниот фокус ќе биде на премиерата на серијата Huawei Mate 20, која ќе се одржи во Лондон на истиот датум. Податоци сега откриваат дека компанијата ќе претстави нова линија на безжични слушалки кои се креирани како одговор на моделите на Apple – AirPods.

Информациите се од Роланд Куандт, кој објави на неговата сметка на Твитер и неколку слики од овој додаток. Тој вели дека слушалките ќе бидат официјално претставени како Huawei Freebuds 2 Pro, објави WinFuture. Иновативните аудио слушалки ќе имаат посебна кутија, која се полни безжично од Huawei Mate 20 Pro. Претстојниот премиум модел ќе има заоблен во двете страни дисплеј кој се спојува со рамката околу самиот екран. Дизајнот на Mate 20 Pro наликува на „edge“ серијата смартфони на Samsung.

Huawei Freebuds 2 Pro ќе се базира на популарниот Qi стандард и се очекува да се продаваат во две бои: бела и црна. Според непотврдени официјални информации, цената ќе изнесува од 150 до 160 евра. Во овој момент, ова се сите детали што ги имаме за овој додаток на компанијата. На премиерата на Mate 20 Pro, ќе дознаеме повеќе за траењето на батеријата и другите карактеристики што се очекуваат во Freebuds 2 Pro и новата серија паметни телефони на Huawei.